Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Бискупот Стојанов упати допис до Собранието за т.н. Истанбуслка конвенција

Бискупот Стојанов - RV

26/12/2017 15:30

До

Неговата Екселенција

Г-дин Талат ЏАФЕРИ

Претседател на Собранието на Република Македонија

С к о п ј е

 

Ваша Екселенција, почитуван претседател на Собранието на Република Македонија господин Талат Џафери.

Споделувајќи ги ставовите и загриженоста на свештениците од Католичката црква во Македонија, кои воедно се и мои, како легитимен претставник на Католичката црква во Македонија (скопски бискуп и апостолски егзарх и член на Меѓународната бискупска конференција св. Кирил и Методије) – а истовремено се осмелувам да кажам и глас на многу луѓе со добра волја – се обраќам до ова врховно Законодавно тело на Република Македонија користејќи го своето право на говор, изразување и мисла, со барање многу внимателно и сериозно да се погледне и уважи нашиот став во врска со ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство или попозната како Истанбулска конвенција.

Ставот на Католичката црква која ја претставувам е јасен. Насилството врз жените и семејното насилство се нечовечни појави и потполно се неприфатливи. Ги поттикнуваме и охрабруваме институциите да ги искористат сите правни механизми за да се заштитат жените од насилство и семејното насилство. Пофално е настојувањето со сите можни начини да се бори против угнетувањето на жените, да се истакнува рамноправноста помеѓу мажот и жената. Ние исповедуваме и научуваме дека мажот и жената во достоинството се еднакви, бидејќи се создадени како икона Божја. Секаков вид на дискриминација е неприфатлива. На мажот и жената и припаѓа неотуѓиво право и повик да бидат сосоздатели на човекот во раѓањето на потомството. Да бидат родители. Овој повик носи со себе неотуѓиви права, но исто така и неизбежни одговорности што Црквата ги поддржува и охрабрува.

Меѓутоа, во споменатата Конвенција постојат нејасни термини, со што се отвора можноста за повеќе нејасни процедури кои потоа имаат трагични последици. Се мешаат термините род и пол. Човекот се раѓа со одреден пол кој го прави маж или жена. Детето не е без таа определба за да после му остане можност за избор. Ова е определба, а не избор. Природата се дава по раѓање, а не по избор. Со таквата нејаснотија се воведува таканаречена нова „Родна идеологија“ која се противи на научните факти  и доктрината на Црквата. Во таа Декларација – на многу вешт начин – е понудена и можноста за такво воспитување на сите нивоа на образование од предучилишно образование до високо образование. На тој начин се нарушува природното право на образование на родителите и сите учесници во воспитувањето, чиишто ставови се во согласност со верските принципи. Така, едно право го нарушува природното право на другиот што според здравиот ум и науката на Црквата е недозволиво.

Повторувам дека Црквата ги охрабрува и поттикнува институциите да ги искористат сите правни механизми за заштита на жените и семејствата од насилства, но не ја подржуваме конвенцијата, која покрај благородните накани за заштита од насилство, во содржината имплементира законски акт за „родна идеологија“

Ставовите на Католичката црква, не само во Македонија, туку и насекаде се јасни дека оваа декларација не треба да се ратификува, односно ратификацијата да се случи само кога ќе се отстранат спорните делови кои се однесуваат на гореспоменатата „идеологија“.

Затоа и нашето барање е да не се ратификува вака формулираниот документ во Собранието на Република Македонија, бидејќи, како што претходно е кажано, тој во некои делови се противи на природниот закон, кој е вграден во човечката личност и се противи на моралните принципи во воспитанието и образованието.

Во надеж дека оваа Високо почитувано Законодавно Тело на Македонија ќе го има во обѕир мислењето на Црквата и другите верски заедници, со право се надевам дека Конвенцијата нема да биде ратификувана.

Со искрено почитување до секој член на Парламентот – сепак сум слободен да замолам – во вакви деликатни работи да постапете исклучиво одговорно според својата совест, имајќи ја во вид иднината и општото добро на Народот од кој што сте избрани во вакво високо Тело на одговорност.

Ви посакувам успешна работа и секое добро.

Со почит

 

Монс. д-р Киро Стојанов

скопски бискуп и апостолски егзарх

26/12/2017 15:30