Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Бискупот Стојанов служеше полноќна Миса во Скопје

Полноќна света Миса во Скопската катедрала - RV

26/12/2017 15:30

Во недела, 24 декември 2017 година свечената полноќна света Миса, во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје ја предовдеше Скопскиот бискуп и Апстолски егзарх во Македонија монс. др. Киро Стојанов во концелебрација со скопскиот парох дон Давор Топиќ, монс. Антун Циримотиќ, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов, парохот од Радово и декан о. Зоран Стојанов, и други свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија.

Катедралата беше полна со мноштво верници, а на свеченоста присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов со сопругата Маја, како и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, заменик градоначалникот на градот Скопје Енвер Малиќи, претседателот на политичката партија ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, деканот на Православниот богословски факултет Ѓоко Ѓорѓевски, претставници на културниот и академскиот живот како и претставници на Македонската православна црква, дипломатскиот кор, меѓу кои амбасадорката на Република Хрватска Данијела Баришиќ.

Бискупот Стојанов во својата пригодна проповед ја истакна улогата на Блажена Дева Марија во планот на Божјото спасение, преку кој се роди Детето Исус Христос. Денес детето кое тропа на вратата од срцата на своите мајка и татко може да биде несакано суштество без право да биде родено. Општеството нема симпатии за многудетни семејства, за нив државните институции не размислуваат и не водат доволна грижа за достојно издржување на тие семејства. Невработеноста ги спречува родителите радосно да прифатат нов живот. Човечката алчност за задоволство не дозволува повеќе деца во семејството. Неодговорно се зачнува живот и тогаш тој живот најчесто се уништува во нашите болници во легитимно убиство – абортус. Го славиме Божик, а се бориме против животот, а Бог господар на животот им дарува живот. Им дава право да го уживаат богатството на оваа земја на овој воздух и на оваа небо кое и на овој Божик е осветлен со светлина.“

„Божик е. Никогаш не е доцна да се вратиме и да се преобразиме во божикното таинство и покрај тешките факти што го обележуваат 21 столетие. Честитајќи ви го празникот Рождество Христово, со едноставноста на пастирите и со верата на светото Семејство да го прифатиме Христос Спасителот и широко да ги отвориме нашите срца кон проблемите на денешнината во кои малечките молат за право на живот.“

На крајот од проповедта бискупот Стојанов посака на сите верници радосен и честит Божиќ, пренесувајќи ги честитките и поздравите од Светиот Отец папата Фрањо преку апостолската нунцијатура и честитките од апостолскиот нунциј монс. Анселмо Пекорари, божиќна честитка од митрополитот за месната Црква во Македонија надбискупот врхобосански кардинал Винко Пулиќ, честитките од шпанскиот кардинал Абрил и Кастело и други, исто така се заблагодари на честитките и присуството на претставниците на државната власт и останатите структури, како и медиумските работници кои овозможија директен пренос на полноќната Миса од Скопската катедрала.

За време на Мисата пееше парохискиот катедрален хор под водство на с. Татјана Атанасова, а за свеченото служење на Мисата допринесоа министрантите под водство на церемонијалот Спасе Спасов.

к.мк

26/12/2017 15:30