Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Божикна проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов

Бискупот Стојанов - RV

26/12/2017 15:30

Драги браќа и сестри, почитувани гледачи на Македонската телевизија,  слушатели на Македонското радио и на Радио Марија Македонија

Таинството што оваа ноќ ја претвора во светлина посилна од денот, таинството што ни овозможува во оваа ноќ да бидеме будни, соземени и во радост, има еден збор - Божик. Овој збор нè потсетува на деминутив од името Бог и од потсвеста во свеста сè посилно ни извира сознанието: Бог ни се објави како дете. Зборот дете исто така носи нови и нови асоцијации кои секогаш го допираат нашето срце. Не е ни чудо што овој празник повеќе го доживуваме со срцето отколку со умот. Но, ова  празнување нè повикува на изворите на самиот настан. Слушнавме во евангелието според Лука, кој научно и студиозно нè воведува во сериозноста на настанот со кој човечката историја е поделена на  две големи епохи: време пред Христос и време по Христос. Различните религии имаат една заедничка тема а таа е фактот дека човекот од вера исконски копнее за средба со Бога – со божество. Во многу свети списи во разните религии – а пред сè во аскетската литература е запишан начинот на кој е можно да се доживее средбата со Бог – со божеството. Но фактот на кој почива христијанството едноставно е необорлив историски факт. Евангелист Лука нè воведува во време кое е многу впечатливо, а тоа е времето на владеењето на царот Август кога со Галилеја владеел Ирод, а со Ерусалим Понтие Пилат. Овие историски имиња ни даваат само временски насоки за денот кога започнал настанот со кој започнува и христијанството. На сцената која ја имаме според Eвангелието ја среќаваме девствената брачна двојка: Јосиф од домот Давидов и Марија во блажена состојба преку Светиот Дух. Писателот на светиот текст едноставно ни го доловува тој ни малку романтичен настан. Сиромашната брачна двојка е засенета од големата тајна во која и самата тешко се снаоѓа. Марија по својата желба девствена, сакала да живее максимална скромност во заштита на угледен маж, но сиромашен. Дрводелец од древната Давидова лоза кој немал компанија туку само работилница за столарски работи. И тој е закрилен од чудните Божји постапки и му верува на Ангелот кој во сон му јавува дека детето во крилото на неговата сопруга е Бог кој стана човек. Ниту Марија, ниту тој а ниту ние денес можеме да го сфатиме тој чудесен Божји наум дека Бог одговарајќи на копнежот на човекот за средба со Него го избра семејниот пат. Ги одбра скромната Назаретска девица и  уште по скромниот столар. Тропна на вратата на нивното срце за да бидат учесници на чудесниот несфатлив Божји чин. Бог наиде на скромни срца кои и покрај тоа што не разбираат, со срце прифаќаат дека кога Бог говори човекот има само една алтернатива, а тоа е - послушноста. Тие, послушни на Божјиот глас и отворени на неговиот план овозможија настан што го надминува човечкото спознание, настан при што Бог стана човек, односно Создател - создание. Семоќниот стана немоќен а оној кој управува со космосот и создателот на севкупната историја, стана немоќно дете. Затоа реков дека тоа таинство можеме да го слушнеме „само со срце“ а не со испразнет рационализам како човечка способност со која тој сака да ја достигне и протолкува секоја тајна. Драги браќа и сестри, да останеме на првиот чекор во оваа размислување а тоа е тврдењето дека празнуваме настан на верата што е дар за човекот кој има отворено срце.  

Од друга страна, сето ова се случува  за време на еден вонреден настан, а тоа е пописот на населението. Царот кој се прогласил за Бог сака да знае не само што има, туку и кого има. Во целото царство заповеда попис на населението според тогашните методи. Секој треба да се регистрира во местото на своето потекло. Овој сиромашен пар свесен дека нивното потекло е царско од лозата Давидова, се упатува во Јудеја, во градот Витлеем. Тогаш Витлеем преставувал село без некое значење. За време на овој попис  станува премал за да ги прими сите оние кои дошле од разни краишта а потекнувале од овој некогаш царски град. Во неговата средина пронајден е и Заветниот ковчег што во свое време свечено бил пренесен во Ерусалим во новиот изграден храм – историско чудо – а го изградел Соломон, синот Давидов. Тоа е историја која помалку бледнее но е убава кога се зборува за славното минато со кое се исполнети фантазијата и сеќавањето. Но, Витлеем одамна не е тоа, туку  само мало провинциско место кое се бори со проблеми што значат опстанок и преживување. И Витлеем е како и останатите места под окупација на моќните Римјани и на царот кој верува дека е господар на светот. И не е чудо во такви околности неговите жители немаат чувство да ги примат своите поранешни сограѓани, а тогаш повеќе или помалку странци дојдени од разни страни на Палестина. Уште помалку се расположени кога ќе се соочат со жена во длабока блажена состојба и можеме да разбереме дека ретко кој би сакал да се оптоварува со сиромашни а уште и со жена во блажена состојба која само што не родила.

Сега се работи за нешто што длабоко ги допира нашите срца а тоа е дека тие немаат избор. Јосиф и покрај сета своја грижа не може да најде решение. По неколку дневно патувањето сега кога стигнаа до целта тој не може да најде засолниште. Не се разочарува, но само можеме да си замислиме со каква тежина гледа кон небото кое во таа ноќ било молчеливо. Ноќта се спуштила и што можел друго да стори освен да се вовлече во една штала. И во таа студена ноќ тој таму нашол засолниште за неговата жена која била пред породување и за него, кој бил длабоко натажен што не може да најде поинакво решение.       

И токму во таа безизлезна ситуација доаѓа време жената да роди. И таа го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли врз слама, зашто за ова семејство немаше место во гостилницата. Во исто време царот Август, во Рим на ритчето што денес се вика Арачели и значи врата небеска, сака да прими жртва. Таа негова жртва никој не ја забележува, а очекувал дека ќе биде историска. Не знаел дека во исто време сепак започнала нова историја која се нарекува не според него туку според Детето кое таа ноќ се раѓа. Во тој миг Марија и Јосиф на сосема чуден и необичен начин добиваат одговор од Небото. Кога Детето заплака и ги пушти првите солзи како што го прави тоа секое новороденче, неговиот глас и неговата солза го отвори Небото. Се појави светлина и се слушна хорот на ангелите: Слава на Бога во висините а мир меѓу луѓето со добра волја. Но, светлината и гласот не го допреа  Витлеем  потонат во длабок сон. Витлеем е во мрак, во сон и кој знае во какви соништа. Но, светлината и гласот ќе допрат до едноставните овчари. Тие не спијат, туку бдеат и чуваат стража покрај своите скромни стада. За нив единственото богатство е тоа што го имаат на пасиштата: овците и јагнињата. Одеднаш – можеме да си замислиме, колку ли само биле зачудени и Марија и Јосиф кога  слушаат како овчари доаѓаат кај нив за да се восхитуваат и да се радуваат, да се дружат и да го даруваат оваа младо семејство кое добило дете и да му се радуваат на детето, зашто слушнале: денес ни се роди Спасител Христос Господ. Како знак на распознавање ќе најдете новороденче повиено,  дете што лежи во јаслите.     

Драги браќа и сестри сега да се разбудиме од оваа романтична сцена и да се запрашаме: како би било кога Исус денес би се родил? За жал, не би можел да си го преставам овој настан, бидејќи тоа не е едноставно. Денес детето кое тропа на вратата од срцата на своите мајка и татко може да биде несакано суштество без право да биде родено. Општеството нема симпатии за многудетни семејства, за нив државните институции не размислуваат и не водат доволна грижа за достојно издржување на тие семејства. Невработеноста ги спречува родителите радосно да прифатат нов живот.  Човечката алчност за задоволство не дозволува повеќе деца во семејството. Неодговорно се зачнува живот и тогаш тој живот најчесто се уништува во нашите болници во легитимно убиство – абортус.

Драги браќа и сестри, нашето општество и денес се уште наликува на во мрак заспаниот Витлеем. И денес ситуацијата повеќе од било кога е сосема јасна: сиромашната бремена жена е непожелна. Се осмелувам да тврдам дека  ако вечерва млада, но сиромашна брачна двојка згора на тоа туѓинци, со жена во блажена состојба тропне на нечија врата кај повеќето не би добила сместување. Не би добила сместување во нашата куќа бидејќи би ни го расипала божиќното доживување. О, драги браќа и сестри, кое ли лицемерство! Го славиме Божик а се бориме против животот, а Бог господар на животот им дарува живот. Им дава право да го уживаат богатството на оваа земја на овој воздух и на оваа небо кое и на овој Божик е осветлен со светлина. Тврдам дека Исус Божјиот Син тропна на многу врати на оваа наша мила татковина, но, за жал, колку деца ја видоа светлината.         

 Божик е. Никогаш не е доцна да се вратиме и да се преобразиме во божикното таинство и покрај тешките факти што го обележуваат 21 столетие. Кој е условот да си го погледнеме срцето и во него да ги исчистиме сите нечисти мисли на оваа хедонистичка цивилизација и да се обидеме барем да се покаеме за својата себичност, комотност, менталитет, уживање. Ова покајание нека ни ја отвори вратата на срцето за да можеме со чисто око да го дочекаме секое новороденче на кое Бог му го дарувал дарот на животот. Оваа ноќ да ги направиме нашите срца среќни. Да не бидат робови на богатството и себичноста туку во својата едноставност да ги прифатат малите и сиромашните, бидејќи не знаеме кај кого вечерва ќе тропнат на врата Јосиф и Марија со Исус во рацете. Во Витлеемската пештера немало прегради, немало врати, се било ширум отворено за секој посетител кој успеал да го слушне гласот: Денес ни се роди Христос Господ, ќе најдете новороденче положено во јасли. А Тој е Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Така ни пишува пророкот Исаија и така во срцето, но и во заедницата на сите верници, но и на тие кои се помалку верници да ни завладее бесконечен Божји мир. И заедно со св. Иван Павле II да повториме: Отворете ги ширум вратите Христос слободно да влезе во нашиот живот и нашата историја.   

Честитајќи ви го празникот Рождество Христово, токму тоа го посакувам. Со едноставноста на пастирите и со верата на св. Семејство да го прифатиме Христос Спасителот и широко да ги отвориме нашите срца кон проблемите на денешнината во кои малечките молат за право на живот. Амин. Честит празник Рождество Христово - Христос се роди! 

26/12/2017 15:30