Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Ангел Господов

Папата: Марија совршен соработник во Божјиот план

Папата Фрањо во текот на пладневната молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар (Ватикан, 24.12.2017) - AFP

26/12/2017 14:00

Ова недела која непосредно му претходи на Божиќ го слушаме Евангелето за Навестувањето – рече папата Фрањо во текот на пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов на 24 декември 2017 година, на плоштадот Свети Петар.

Во тој дел од Евангелието ја гледаме спротивноста помеѓу ветувањето на ангелот и одговорот на Марија. Таа спротивност се покажува во димензијата и содржината на изразите на двајцата учесника. Агелот ѝ рече на Марија: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.“

Таа е долга објава која отвора невидени хоризонти – рече Папата и објасни: Детето кое ќе го роди таа понизнa девојка од Назарет ќе се нарече Син на Севишниот, невозможно е да се зачне поголемо достоинство од тоа. И после прашањето на Марија со кое таа бара објаснување за објавата на ангелот станува уште подетална и изненадувачка.

Меѓутоа одговорот на Марија е кратка реченица која не зборува за слава или посветеност – рече Светиот Отец и нагласи – туку само за достапност и служба: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ Исто така содржината е различна. Марија не се возвишува заради тој факт дека ќе стане мајка токму на Месијата, туку останува скромна и го изразува своето призврзување на Господовиот план.

Таа значајна спротивност – додаде папата Фрањо – ни помага да разбереме дека Марија е навистина понизна и дека не сака да се истакнува. Признавајќи се мала пред Бог и среќна што е така. Истовремено е свесна дека од нејзиниот одговор зависи остварувањето на Божјиот план и дека е повикана да се поврзе со него со целото свое битие.

Во тие околности – нагласи Папата – однесувањето на Марија совршено одговара на она кога Синот Божји доаѓа на светот. Тој сака да стане слуга на Господ, да се стави во служба на човештвото за да го изврши планот на Отецот. Марија вели: „Еве ја слугинката Господова;“ и Божјиот Син влегувајќи во светот, вели: „Еве доаѓам за да ја вршам, о Боже волјата твоја.“ Во ставот на Марија целосно се одразува таа изјава на Синот Божји кој исто така станува Син на Марија. Така Пресвета Богородица се покажува свршена соработничка на Божјиот план и во своето „Величај “ ќе може да каже дека „Бог ги воздигна смирените“, затоа што со тој понизен и великодушен одговор се здобива со најголемата слава.

Додека се восхитуваме на нашата Мајка заради одговорот на Божјиот повик и послание – рече Светиот Отец на крајот од својот наговор – да ја молиме да ни помогне секој од нас да го прифати Божјиот план во својот живот со искрена понизност и храбра великодушност.

Во молитвена атмосфера за раѓањето на Царот на мирот – рече после молитвата Ангел Господ, папата Фрањо – да молиме за дарот на мирот во целиот свет, посебно за народите кои најмногу стрaдаат заради моменталните конфликти. Посебно го повторувам својот апел по повод празникот Божиќ за киднапираните луѓе – свештеници, монаси, монахињи и верници лаици – да бидат пуштени и да се вратат во своите домови.

Гарантирам дека ќе се молам за народот од филипинскиот остров Минданао погоден од бурата која предизвика голем број жртви и големи штети. Нека милосрдниот Господ ги прими душите на загинатите и ги утеши оние кои страдаат заради таа несреќа – рече на крајот Папата и ги поздрави сите присутни верници, ходочасници, семејства, парохии и здруженија. На сите им препорача да најдат малку време за да застанат во тишина и во молитва пред јаслите, во срцето да се поклонат на таинството на вистинскиот Божиќ, самиот Исус Кој ни доаѓа во љубов, понизност и благост, и препорачувајќи се во молитвите, на сите им посака среќен Божиќ.

РВ/к.мк

26/12/2017 14:00