2017-12-26 15:00:00

Плачот на Младенецот нека ја разбуди нашата рамнодушност


Папата Фрањо ја предводеше светата Литургија по повод празникот на Рождеството Христово во базиликата Свети Петар. Во својата проповед на Божиќната ноќ, Светиот Отец се осврна на делови од Евангелието според Лука:

„...Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница“ (Лк. 2, 7) Папата истакна дека „со таа едноставна, но јасна реченица, евангелистот Лука нè воведува во суштината на Светата ноќ: „Марија раѓа, ни ја дава Светлината.“

Кратко пред тоа, продолжи Папата, во текстот на евангелистот се кажува дека по наредба на императорот, Марија и Јосиф биле принудени да го напуштат својот дом, своите блиски, својата земја и да тргнат на пат, за да бидат попишани. Патот воопшто не бил лесен за младата двојка што очекуваше дете... Тие требало да се справат со најтешката работа: да пристигнат до Витлеем и да сфатат дека тоа е земјата, која не ги очекувала, каде што за нив немало место.“

Папата Фрањи истакна дека „таму во таа реалност, која била предизвик, Марија ни го подарува Емануел. Божјиот Син требало да се роди во јасли, зошто немало место за Него.“

Папата Фрањо истакна дека „во стапките на Јосиф и Марија се сокриени многу други стапки. Ги гледаме трагите на цели семејства кои денес се принудени да заминат. Ги гледаме трагите на милиони луѓе кои не си заминуваат по свој избор, туку се приднудени да се разделат од роднините, и се прогонети од својата земја. Во голем број случаи тоа патување е исполнето со надеж, надеж за иднината; во голем број други случаи, тоа патување има само едно име: опстанок. Да се преживее при толку многу денешни Ироди, кои за да ја наметнат својата моќ и за да си го зголемат богатството, немаат никаков проблем да пролеваат невина крв.

Папата додаде дека, „за Оној за кој немаше место каде да се роди, беше објавен на оние за кои немаше место на масата или на улиците на градот. Пастирите први ја слушнаа Радосната вест. Заради својата работа, тие биле мажи и жени кои живееле на маргините на општеството... Нивната кожа, облеката, мирисот, начинот на зборување, нивното потекло, сè ги издавало. Сето тоа предизвикувало недоверба... ги сметале за незнабошци меѓу верници, за грешници меѓу праведници, за туѓинци меѓу сограѓаните. На тие незнабошци, грешници и туѓинци – ангелот им кажал: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.“ (Лк 2, 10-11)

„Тоа е радоста која во таа ноќ сме повикани да ја споделиме, да ја славиме и да ја навестуваме,“ истакна Папата. „Радоста со која Господ во своето бескрајно милосрдие, нè прегрна нас незнабошците, грешниците и туѓинците, и бара да го правиме истото.“

Светиот Отец додаде дека „верата во таа ноќ бара да го видиме Бог присутен во сите ситуации, во кои сметаме дека Тој е отсутен... И истата таа вера нè поттикнува да создадеме простор за една нова социјална имагинација, да не стравуваме да живееме во нови односи, во кои никој не треба да се чувствува без место на таа земја. Рождеството е време за да ја претвориме силата на стравот во сила на љубовта, во сила на нова имагинација за милосрдието кое не се навикнува на неправда како да е нешто природно, а има смелост меѓу толку многу тензии и конфликти да стане... земјата на гостопримството. Тоа го вели и свети Иван Павле II: „Не плашете се! Отворете ги широко вратите за Христос.“ (Проповед од 22 октомври 1978 година)

Папата Фрањо продолжи: „Со Детето од Витлеем... Со тоа Дете, Господ нè охрабрува да бидеме исполнети со надеж. Нè повикува да бдееме за оние кои се дадоа на тежината на очајот, како резултат на наидувањето на многу затворени врати. Во тоа Дете, Господ нè прави учесници во неговото гостопримство.

Папата поттикна: „Возбудени од радоста за тој дар, малиот Младенец од Витлеем, ние сакаме твојот плач да нè разбуди од нашата рамнодушност, да ни ги отвори очите за оние кои страдаат. Твојата љубов нека ја разбуди нашата чувствителност и нè натера да те препознаеме во сите оние кои доаѓаат во нашите градови, во нашите животни приказни, во нашиот живот. Твојата револционерна љубов нека нè убеди да ја преземе на себе надежта и љубовта кон нашиот народ.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.