Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Ангел Господов

По Христовото доаѓање потребно е промена на менталитетот

Папата Фрањо на прозорецот на Апостолската палата над плоштадот Свети Петар во текот на молитвата Ангел Господов (Ватикан, 26.12.2017) - AFP

27/12/2017 16:00

По прославата на Исусото раѓање на земјата, денес го славиме раѓањето за небото на свети Стефан, првиот маченик – рече папата Фрањо во својот наговор пред молитвата Ангел Господов, одржан на плоштадот Свети Петар во Ватикан, на 26 декември 2017 година.

На прв поглед би можело да изгледа како да нема врска помеѓу тие два настани, но во суштина постои многу силна врска.

Вчера на божиќната Литургија слушнавме: „Словото стана Тело и се всели меѓу нас“ – потсети Папата и истакна: Свети Стефан ги ставил во криза поглаварите на својот народ затоа што е „полн со вера и Дух Свети“ цврсто верувал и го исповедал новото Божјо присуство меѓу луѓето; знаел дека вистинскиот Божји храм сега е Исус, вечното Слово кое дојде да се всели меѓу нас, кој стана еднаков со нас, освен во гревот. Но, Стефан бил обвинет дека проповеда уништување на храмот во Ерусалим. Обвинет дека зборува како Исус оној Назареецот, ќе го уништи тоа место и ќе ја промени богослужбата која ни ја предаде Мојсеј.

Всушност, Исусовата порака е непријатна и нè става во непријатна положба, затоа што ја преиспитува верската световна власт и ја вознемирува совеста – рече Светиот Отец и објасни: По Неговото доаѓање потребно е преобраќање, да се направи промена на менталитетот и да се престане да се размислува како порано. Стефан останал вкотвен во Исусовата порака до смртта. Неговата последна молитва: „Господи Исусе прими го духот мој!“ и „Господи не земај им го ова за грев“, е верен одек на она молитва која Исус ја кажал на крстот: „Оче во твоите раце го предавам духот свој“ и „Оче прости им не знаат што прават.“ Тие зборови на Стефан биле возможни само затоа што Синото Божји дојде на земјата, умре и воскресна за нас. Пред тие настани такви изрази биле човечки незамисливи.

Стефан го молел Исус да го прими неговиот дух – рече папата Фрањо и нагласи: Воскреснатиот Христос е во суштина Господ, единствен посредник помеѓу Бог и луѓето, не само во часот на смртта, туку и во секој момент од животот, без Него не можеме ништо да направиме. Затоа и ние, пред Детето Исус во јаслите можеме да молиме: „Господи Исусе ти го доверувам својот дух, прими го“ за нашиот живот навистина да биде добар живот во согласност со Евангелието.

Исус е наш посредник кој нè помирува не само со Отецот, туку и меѓусебно – рече Папата и додаде: Он е извор на љубовта кој нè отвора за заедништвото со браќата луѓето и за взаемната љубов, отстранувајќи ги сите конфликти и огорчувања. Знаеме дека огорчувањата се лоши и дека ни нанесуваат зло и штета. Исус е Оној Кој сето тоа го отстранува и сè прави за да се љубиме. Тоа е Исусовото чудо. Да го молиме Исус Кој се роди за нас да ни помогне да го прифатиме тој двоен став на доверба во Отецот и љубовта кон ближниот. Тоа е однесувањето кое го преобразува животот и го прави поубав и поплодоносен.

Марија, Мајка на Откупителот и Царица на мачениците – рече на крајот Светиот Отец – да ѝ ја упатиме со доверба својата молитва за да ни помогне да го прифатиме Исус како Господар на нашиот живот и да станеме негови храбри сведоци, подготвени лично да ја платиме цената за вредноста на Евангелието.

Папата Фрањо по својот пладневен наговор посебно ги поздрави учесниците во украинското национално ходочастие и сите присутни и заврши: Оваа седмица примив многу поздрави. Бидејќи не можам да одговорам на сите, изразувам срдечна благодарност, посебно за молитвите. Нека Господ ве награди со својата великодушност!

РВ/к.мк

27/12/2017 16:00