Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Ангел Господов

Папата: Да размислуваме за искуството на Марија, Јосиф и Исус

Папата Фрањо на Ангел Господов - REUTERS

02/01/2018 15:00

Првата недела по Божиќ го славиме Светото назаретско семејство и евангелието нѐ повикува на размислување за искуството на Марија, Јосиф и Исус, додека тие заедно како семејство растеа во меѓусебната љубов и доверба во Бог – рече папата Фрањо на 31 декември 2017 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар во Ватикан и продолжи: Израз на таа доверба е обредот кој го извршија Марија и Јосиф, претставувајќи му го на Бог детето Исус. Евангелието вели: „Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа“, како што пропишува Мојсеевиот закон. Родителите на Исус одат во храмот како би потврдиле дека детето му припаѓа на Бог и дека тие се само чувари на неговиот живот, а не сопственици. Тоа нѐ поттикнува на размислување. Сите родители се чувари на животите на децата, а не сопственици и мора да им помогнат да растат и да созреваат – објасни Папата.

Тој чин нагласува дека само Бог е Господар на сопствената и семејната историја, сѐ ни доаѓа од Него – рече Светиот Отец и продолжи: Секое семејство е повикано да го признае тоа првенство, чувајќи ги и воспитувајќи ги децата да се отворат за Бог, изворот на животот. Од тука доаѓа тајната на внатрешната младост за која на необичен начин во евангелието го сведочат двајцата старци, Симон и Ана. Старецот Симон посебно вдахновен од Светиот Дух зборува за малиот Исус: Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот.“

Тие пророчки зборови откриваат дека Исус дојде да ги сруши лажните слики кои ние ги создаваме за Бог и за самите себе за да противречи на световната сигурност на која настојуваме да се потпираме; да нѐ воскресне на вистински човечки и христијански пат втемелен на евангелските вредности. Нема семејна ситуација која би нѐ спречила на тој нов пат на повторно раѓање и воскресение. Секогаш кога семејството, па и оние ранетите и обележани со слабости, неуспеси и потешкотии, се враќа на изворот на христијанското искуство, се отвораат нови патишта и незамисливи можности.

Денешното евангелие нѐ известува дека Марија и Јосиф „кога извршија сè по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него.“ Сите знаеме дека растењето на децата е голема радост за семејството. Нивно е да се развиваат и зајакнуваат како би стекнале мудрост и да ја прифатат Божјата милост, токму онака како што се случило и со Исус. Тој навистина е еден од нас. Синот Божји стана дете, прифати да расте и зајакнува, полн е со мудрост и милоста Божја е на него.

Марија и Јосиф се среќни што сето тоа го гледаат на својот Син – рече Светиот Отец и истакна: Тоа е послание на кое е упатено семејството; создавање поволни услови за складен и потполн раст на децата, за да може да живее добар живот достоен за Бог и за изградба на светот. Тоа е желбата, која ја упатувам на сите семејства, повикувајќи ја Марија, Царица на семејствата.

Ја искажувам својата близина со Египетската коптска православна црква, која пред два дена е погодена од два напада, на црква и трговски центар во предградие на Каиро – рече папата Фрањо по молитвата Ангел Господов и додаде: Господ нека ги прими душите на загинатите, нека и помогне на ранетите и нивните роднини и на целата заедница, а срцата на насилниците да ги преобрати.

Посебен поздрав упатувам на присутните семејства и оние кои од дома учествуваат на оваа молитва, нека ве благослови Светото семејство и нека ве води на вашиот пат – рече Папата и продолжи: Ги поздравувам ходочасниците, парохиските групи, здруженијата и младите. Да не заборавиме денес да му се заблагодариме на Бог за поминатата година и за секое примено добро. На секој ќе му причини добро ако размислува за тоа колку добри работи примивме од Господ оваа година и да благодариме. Ако сме имали тешкотии и искушенија, треба да се заблагодариме, бидејќи ни помогна да ги надминеме. Денес е ден на благодарење – нагласи Светиот Отец и заврши: на сите ви посакувам добра недела и мирен и радосен крај на годината, Уште еднаш ви се заблагодарувам на вашите честитки и молитви и ве молам да продолжите да се молете за мене.

РВ/к.мк

02/01/2018 15:00