2018-01-04 09:17:00

Египет: Нема откажување на божиќните Литургии


Патријархот на Коптската православна Црква Тавадрос II, во неделата на 31 декември 2017 година, изјави дека не се планира откажување на божиќните свечености по минатонеделниот напад на црквата во Хелва во кој се убиени најмалку 10 лица, меѓу кои и еден полицаец.

Коптскиот патријарх за египетскиот весник Ал-Масри Ал-Тим изјави дека во црквите во целиот свет нормално ќе се служи божиќна Литургија.

Самиот патријарх Тавадрос II ќе ја предводи Литургијата во новоизградената катедрала „Рождество Христово“ изградена во новиот административен центар на Каиро, а која свечено ќе биде отворена во ноќта на 6 спроти 7 јануари 2018 година. Станува збор за најголемата коптска црква во Северна Африка и на Блискиот Исток. На свечената Литургија ќе учествуваат највисоки функционери во земјата, меѓу кои и египетскиот претседател Абдел Фатта ал-Сиси.

Епископите пак ги повикаа верниците да соработуваат со египетските безбедносни сили и да ги покажат личните карти. Исто така повикаа сите без исклучок да се подложат на истражувањето. Црковни извори соопштија дека во голем број цркви во целата земја се поставени детектори за метал и камери за надзор, и тоа на сопствен трошок.

Потсетуваме дека во петок на 29 декември 2017 година, загинаа најмалку 10 лица, а 10 се ранети, откако двајца вооружени екстремисти извршија напад на црквата Мар Мина во Хелва, јужно од Каиро. Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде т.н. Исламска држава, но не понуди конкретни докази за тоа тврдење.

Безбедносните сили во цел Египет најавија дека ќе ја зголемат својата подготвеност на највисоко можно ниво додека се подготвува празничната прослава. На безбедносните службеници им е наложено да бидат будни и во состојба на висока подготвеност. За безбедноста во земјата ќе се грижат околу 230 илјади службеници, а треба да чуваат повеќе од 2600 цркви, вклучувајќи повеќе од 1300 православни, 1200 простестанти и 200 католички цркви.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.