2018-01-05 09:36:00

Светиот Престол го сврте вниманието кон мигрантите


Правата на бегалците и мигрантите во 2018 година ќе бидат во центарот на вниманието додека Обединетите нации работат на усвојувањето на два светски договори, т.н. Global Compact, одговарајќи така на најголемиот број раселени лица од Втората светска војна.

Во овогодинешната порака за Светскиот ден на мирот, кој се одбележа на 1 јануари, папата Фрањо го сврте вниманието на мигрантите и бегалците, истакнувајќи ги причините зошто е толкав бројот на луѓе кои се во движење и каков треба да биде нашиот одговор.

Додека владите и заедниците настојуваат да се носат со големиот број на луѓе кои бегаат од конфликти или сиромаштво – порача Светиот Отец – од клучна важност е да се пронајдат креативни, храбри и сочувствителни решенија, а не да се шири страв од мигрантите, да се сее насилство, расна дискриминација и ксенофобија, што предизвикува голема загриженост кај сите оние на кои на срцето им е безбедноста на секој човек.

Исусовецот отец Мајкл Черни, потсекретар на Канцеларијата за мигранти и бегалци при Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој, во разговор за Радио Ватикан зборуваше за важност на пораката на Папата за овогодинешниот Светски ден на мирот. Имено, станува збор за прва таква која е фокусирана на ова клучно подрачје на меѓународната загриженост. Отец Мајкл рече дека пораката истакнува како мигрантите и бегалците не се само луѓе во неволја на кои им е потребна помош, туку се занаетчии, преносители и градители на мирот.

Иако пораката е објавена во ноември минатата година, потсекретарот на Канцеларијата за мигранти и бегалци рече дека дијалогот со владите само што започна, затоа што политичарите на почетокот на оваа година го примија примерокот од текстот, а папата Фрањо ќе се осврне на пораката за време на средбата со членовите на дипломатскиот кор. Отец Мајкл рече дека грижата на Светиот Престол се цени на меѓународно ниво од страна на сите оние кои се вклучени во подготовката на двата светски договори на ООН за мигрантите и бегалците.

Ватиканската мисија во Њујорк и Женева ќе биде активно вклучена во преговорите – рече о. Мајкл додавајќи: Тоа што е многу задоволувачко, ветувачко и предизвикувачко е што многу држави гледат во Светиот Престол водач на тоа подрачје. Канцеларијата за мигранти и бегалци соработуваше со големите католички организации за бегалците како и со епископските конференции за заедно да развијат 20 акциски точки кои претставуваат како пасторален план така и преговарачка платформа. Отец Мајкл рече дека тие точки се доставени до Обединетите нации за да помогнат во процесот на усвојувањето на светските договори за бегалци и мигранти, и топло се поздравени како одличен придонес за процесите. (...)

На крајот од разговорот отец Мајкл раскажа трогателни приказни за напуштените села во кои мигрантите помогнале да се обнови успешното земјоделство, а кое доведува до трговија, враќање на туризмот и обнова на семејниот живот. Повторно се отворени училиштата, додека животот во парохијата сцвета. Новиот живот е возможен ако имаш волја да го споделиш она што имаш и да се отвориш за нови можности – заврши о. Мајкл Черни.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.