2018-01-11 10:51:00

Домородниот народ во Амазонија го чека Папата


Во интервјуто објавено од Панамската црковна мрежа, отец Мануел Џесус Ромеро од апостолскиот викаријат во Пуерто Малдонадо рече дека амазонските домородци имаат итна потреба нивните права да бидат познати затоа што сѐ повеќе се протеруваат од нивната прадедовска земја.

Сѐ повеќе се навлегува во нивната територија, нивното подрачје станува сѐ помало и помало; им се уништуваат средствата за живот со чија помош успевале да преживеат толку векови: со риболов, лов, дрвјата и реките сѐ повеќе се во опасност. Нивните животи се во опасност – истакна о. Мануел Џесус Ромеро.

Папата Фрањо на 19 јануари оваа година треба да го посети Пуерто Малдонадо, симболот на домородната заедница во перуанска Амазонија. Светиот Отец таму ќе се сретне со претставници на различни амазонски заедници и таа средба ќе биде можност за да ги изразат своите грижи и да ја слушнат пораката на надеж и охрабрување од Папата.

По најавата за посетата на Папата на Перу, која ќе трае од 18 до 21 јануари, Епископската конференција на Перу ги објасни причините зошто папата Фрањо избрал да го посети токму Пуерто Малдонадо, опишувајќи го тој град како болен симбол заради борбата со незаконското рударство, детскиот труд и трговијата со луѓе. Понатаму подготвеноста на Папата да го посети тоа подрачје е поттикната од потребата тој град еколошки да се заштити, што е важно прашање за таа влезна врата на јужно амазонската џунгла. Додаваме дека амазонската прашума зазема околу 60% од територијата на Перу и претставува голем резервоар за слатка вода.

На крајот спомнуваме дека претстојната посета на Папата, за време на која ќе го посети и Чиле ќе биде трета апостолска посета на Перу, а пред тоа таа јужноамериканска земја два пати ја посети сети Иван Павле II и тоа во 1985 и 1988 година.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.