2018-02-23 14:05:00

Да се верувам во Бог значи да се верува во милосрдието


Една од големите опасности на нашиот внатрешен пат е погледот кој е концентриран само на себе, кога ние стануваме почеток и крај на сите работи – предупреди Хозе Толетино де Мендоча, водител на овогодинешните духовни вежби за папата Фрањо и членовите на Римската курија во неговиот говор во четврток 22 февруари 2018 година. Проповедникот на посебен начин се концентрира на параболата за блудниот син; всушност секој од нас доаѓа од едно такво семејство.

Во нашата внатрешнност нема само убави, складни, готови работи, туку во нас постојат исто така и потиснати страдања, така што бараат појаснување, патологија, безбројни нишки кои треба да се поврзат. Постојат подрачја на страдања, подрачја за помирување, сеќавања и крахови, кои треба да се препуштат на Бог како би ги излекувал.

Самите ние сме „блудни синови“ на нашето време, кои таму-ваму ги гонат желбите и копнежите кое општеството, пред сѐ кое е конзумистичко, лукаво ги буди во нас. Но отец Хозе рече дека можеме да се препознаеме и во стариот син, кој останал дома. Напомена дека таму наоѓаме работи кои исто и нас нѐ погодуваат: проблеми во братскиот живот, барање за условување на одлуката на Отецот, одбивање да се радуваме со другите. Сето тоа нѐ прави неспособни за да ја разбереме логиката на милосрдието.

Милосрдие не значи на другиот да му се даде тоа што го заслужува, туку тоа е сочувство, добрина, простување. Милосрдие значи да се даде повеќе, да се надминат сите граници. Станува збор за вишок љубов која ги лекува раните. Милосрдието е еден од Божјите атрибути. Според тоа да се верува во Бог значи да се верува во милосрдието – рече отец Толентино и заврши: Милосрдието е Евангелие кое треба да се открие.

Претходната вечер пак отец Хозе зборуваше за Исусовата сопствена борба со човечките слабости и искушенија. Во својот говор напомена дека нашето сиромаштво е местото каде што интервенира Исус. Предупреди потоа дека најголема препрека во нашиот духовен живот не е нашата кревкост, туку нашата крутост и самоподопадливост. Според тоа треба да учиме од сопствената жед – рече проповедникот концентрирајќи се потоа на Исусовата мака.

Отец Хозе Толентино истакна дека духовноста треба да се живее како заедничка авантура. А како што истакнува перуанскиот теолог Густаво Гитерез: Да се пие од изворот е духовно патување на народот. Изворот од кој пиеме е конкретен духовен живот. Она човештво кое се мачиме да го прегрнеме, нашето сопствено, како и човештвото на другите е човештво кое го прегрнува Исус. Затоа што тој слегува со љубов во нашата реалност, а не во идеал кој ние го создаваме. Таинството на овоплотувањето на Синот Божји значи да се прифати неидеолошки поглед на животот.

Во одредена смисла жедта нѐ очовечува и тоа е начин на духовно созревање – напомена отец Хозе, потсетувајќи нѐ дека е потребно долго време да се напушти опсесијата за совршенство како би ги надминале пороците за проектирање лажни слики за реалноста. Трапистичкиот монах и мистик Томас Мертон напишал дека Христос сакал да се поистовети со она што не го сакаме кај себе. Од таа причина врз себе ги земе нашите гревови и нашите страдања. Свети апостол Павле сведочи дека верата е парадоксална: кога сум слаб, тогаш сум силен.

Проповедникот потоа зборуваше за трите искушенија на Исус во пустината. Сатаната најпрво го искушува со лебот. Исус е свесен за нашите материјални потреби, но нѐ потсетува дека не живееме само од леб. Неговиот одговор не е негирање на реалноста, туку ни помага да земеме во обѕир дека сме во „пустина“, која треба да ја насели Духот.

За да го разбереме второто искушение, отец Хозе го понуди примерот на Израелците во пустината, кои бараат од Мојсеј да им даде нешто за пиење. И ние како нив, мислиме да се верува значи да ја задоволиме својата жед. Но Исус нѐ учи да му ја предадеме својата жед со молчење и предавање како молитва. Последното искушение на кое Исус одговора се однесува на идолите. „На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само нему да Му служиш!“ Од помош може да биде и она што Господ го кажа после воскресението: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“.

Ѓаволот сака да му се поклонуваме, но неговата моќ е само привидна, додека Христовата е поврзана со таинството на потполно предавање. Голем е ризикот кога исушението може да нѐ оддалечи од таинството на крстот и при тоа од служењето на нашите браќа и сестри – предупреди отец Толентино и на крајот рече: Исус нѐ учи како да не дозволиме да бидеме робови на некој и ние да не правиме наши робови од другите, туку да се поклонуаме само на Бог и да служиме на другите како пастири.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.