2018-03-06 09:40:00

Светиот Престол: верската слобода сѐ повеќе во опасност во светот


Надбискупот Иван Јурковиќ, постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации во Женева, говореше на 2 март оваа година на 37. седница на Советот за човекови права, силно осудувајќи го кршењето на верските слободи во денешниот свет.

Се чини дека многу држави усвојуваат став на отфрлање на верската слобода, маргинализација и понекогаш отворено прогонство на малцинствата – рече надбискупот и продолжи: Законите или политиките кои ги дискриминираат верските малцинства и ја ограничуваат верската слобода и уверување, како што се таканаречените закони за бласфемија или против преобраќање, присутни се за жал сѐ уште во нашиот свет. Некои држави не ги штитат своите граѓани, припадници на верските малцинства, кога се предмет на насилства или кога им се попречува пристапот до правдата или кога им е скратено праведното судење.  

Од друга страна, во оние држави, кои промовираат радикална секуларна идеологија која ги негира верските чувства на своите граѓани, се забележува тивок и софистициран облик на предрасуди и противење спрема верниците и верските симболи, особено во образованието на младите и во однос на приговор на совеста – рече надбискупот Јурковиќ. 

Општество втемелено на почитување на верските слободи и вероисповеди е посилно, а не послабо – рече надбискупот и нагласи: Почитување на најдлабоките уверувања на членовите на одредено општество е предуслов на кој може да се изгради вистинска култура на човекови права. Секое општество доколку е израз на личноста и сите нејзини конститутивни димензии, мора да живее и да се организира така да промовира отвореност кон трансценденцијата. Токму и затоа законите и институциите на општеството не можат да се обликуваат со занемарување на верските димензии на граѓаните.

За жал, тие ставови кои ги намалуваат правата, понекогаш така ги сфаќаат и некои кругови на меѓународни агенции и организации кога се промовираат или дури наметнуваат идеологии и спорни идеи кои не се во склад со меѓународните инструменти и со чувствата на мнозинството од човештвото – истакна ватиканскиот претставник и цитирајќи го папата Фрањо забележа дека – постои опасност на одреден чуден начин, во име на самите човекови права, да се воведат нови облици на идеолошки колонизации на посилните и побогатите, на штета на најсиромашните и најслабите. 

Таквиот став кој не е редок, може да ги ослаби тие институции водејќи ги во состојба на безначајност на мултилатералниот состав на човековите права, што е веќе често критизирано – рече надбискупот Јурковиќ и посебно изрази крајна загриженост на делегацијата на Светиот Престол поради изразот „слобода oд религија“ кој го користеше посебниот известувач на Обединетите нации, а тоа е поим кој не е разгледан во меѓународните инструменти и кој укажува на патерналистичката идеја на религијата која пак ја надминува задачата на посебниот известувач.

Цитирајќи го повторно Светиот Отец, надбискупот нагласи дека верската димензија не е супкултура, туку е дел од културата на секој народ и секоја нација. Да се занемари важноста на религијата, или да се скрати, или самоволно да се ограничува верската слобода, значи да се негува мислењето кое ја намалува човековата слобода и на крајот значи дека е невозможен вистински и траен мир на целото човечко семејство.

Во говорот кој ватиканскиот претставник го одржа на 1 март оваа година, исто така на седницата на Советот за човекови права, повторно ја истакна потребата од почитување на културниот идентитет на народите, кој е тесно поврзан со слободата на мислата, совеста и верата. Дури и религијата е битна димензија на културата. Всушност, разликувањето помеѓу држава и религија е од централна важност. Пронаоѓање на вистинска рамнотежа во однос помеѓу верата и државата бара сигурноста на државата и нејзините граѓани да не е загрозена од верскиот фундаментализам на религијата, ниту верата да е смалена од секуларизмот – нагласи надбискупот Иван Јурковиќ и заклучи: Како што рече Бенедикт XVI.: „верскиот фундаментализам и лаицизам се шпекулативни и екстремни облици на отфрлување на легитимниот плурализам и начелата на секуларизмот“.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.